Жители што живеат во непосредна близина на овој мост велат дека со години никој од општината го нема исчистено коритото на реката, а само тие неколкупати виделе како несовесните граѓани фрлаат од мостот ѓубришта директно во реката.
Поради големите количини ѓубре фрлено во речното корито, реката Серава, чиј тек започнува во подножјето на планината Скопска Црна Гора и минува низ селата Радишани и Бутел и се влева во Вардар, на неколку места речиси е целосно запрена. Некаде на половина пат од почетокот, па сѐ до влевањето во реката Вардар, поточно под мостот на улица Александар Урдаревски, која води покрај градските гробиштата Бутел, значително е отежнато течението на реката.

На оваа локација е евидентно дека водостојот е видливо намален, но количината ѓубре под овој мост што веројатно со текот на времето само се зголемувала, дополнително го има блокирано текот на реката. Реката Серава како една од постарите реки во скопската околина датира повеќе од еден век, а таа е исклучително значајна поради тоа што директно од северната страна се припојува во течението на реката Вардар.

Жители што живеат во непосредна близина на овој мост, велат дека со години никој од општината го нема исчистено коритото на реката, а само тие неколкупати виделе како несовесните граѓани фрлаат ѓубришта од мостот директно во реката. – За жал, поминувам одовде често, тука живеам, но и оттука одам накај гробиштата Бутел. Ова е вистинска депонија што е дом на секакви ѓубришта, а не е само текот на Серава, туку и на зелената површина околу реката, која е целосно узурпирана и уништена со планини од ѓубре – вели еден од жителите за „Слободен печат“ и смета дека Општина Бутел треба што побрзо да се справи со овие депонии, иако веќе доцни неколку години. Коритото на реката и околу него се преполни со пластични кеси со ѓубре, пластични канти, ќерамиди, штици, стаклени шишиња и друго ѓубре, а колку општината не се грижела за овој простор покажуваат и израснатите дрвја околу реката, чиј корен доаѓа директно од речното корито.

Исто така, иако навидум зачудувачки, на овој загаден простор живеат и патки, животни, чиј број е релативно мал, но сепак и ним им е отежната егзистенцијата поради нискиот водостој и количината ѓубре и израснати дрвја во реката.

Од Општина Бутел на прашањето зошто никој со години не се погрижил за санација на ова место, кое според жителите не е единствено каде што се фрла ѓубре со што се уништува речниот тек и ја поматува водата, не добивме одговор. Оттаму пред околу две недели информираа дека е исчистено коритото на реката Серава и истакнаа дека надлежноста за оваа акција паѓа на плеќите на Град Скопје, но очигледно работата не е завршена до крај, туку само делумно. – По неколку дописи од Општина Бутел до Градот Скопје, денеска излегоа екипи да го чистат коритото на река Серава, реката се чисти во пределот што е под ГУП, според закон и надлежност на Град Скопје. Благодарност за реакцијата, со ова спасивме потенцијално излевање на реката во овој дел на Општина Бутел – истакна тогаш градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски.
По оваа објава, жителите го искажаа своето незадоволство за делумното чистење на реката поради кое сѐ уште постои опасноста за нејзино излевање, а и на некои места е оставено ѓубрето. „Целото речно корито да се исчисти, не само делумно! Нагоре пред последната постојка на автобусот број 57 е заборавено коритото, потребно е да се излее реката и да влезе во куќите за некој да дојде и да го исчисти речното корито“, се дел од коментарите на бутелчани.

Некои од жителите сметаат дека оваа активност е причинета токму поради излевањето на Маркова Река во општината Кисела Вода, земајќи предвид дека чистењето на Серава се одвивало еден ден по огромното поплавување објекти во Студеничани, Батинци и дел од булеварот „Борис Трајковски“ во населба Пинтија. – Требаше да се излее Маркова Река па да се фатите за работа – вели жителка од Бутел. Текот на водата на оваа локација е дефинитивно отежнат, а на некои места и запрен, но од Општината не одговорија зошто сѐ уште не се презема никаква акција за чистење на речното корито и собирање на „планината“ од ѓубре насобрано веднаш до Серава и дали се во комуникација со Градот за овој проблем, лоциран само на неколку стотина метри од општинската зграда.
