Од Дирекцијата за заштита и спасување информираат дека ноќеска во преспанскиот дел од Националниот парк Галичица, биле пронајдени една артилериска граната 75 милиметри и рачна бомба, двете од Првата светска војна, по што припадници на Дирекцијата интервенирале и безбедно ги отстраниле овие експлозивни направи. Оттаму додадоа дека пронајдените гранати веќе биле употребени, но не експлодирале и претставувале потенцијална опасност за граѓани коишто се на прошетка во природата или пак за пожарникари коишто гаснат шумски пожари во тој предел.

-Конкретно, артилериска граната од 75 mm со потекло од Прва светска војна била истрелана и помината низ топовска цевка, но од непознати причини не извршила активација. Опасноста за активирање, кај вакви веќе истрелани гранати, постои при дејство, удирање, врз запалката и при висока температура, на пример при пожар и слично- велат од ДЗС.
Рачната бомба, пак, е од германско производство и била одбранбена бомба од Прва светска војна со веќе активирана каписла од времето кога била фрлена, употребена.

Од Дирекцијата информираат дека двете неексплодирани бомби се безбедно подигнати и транспортирани на безбедно место од пиротехничарот во ДЗС Битола, Ѓорги Стефанов и овластениот пиротехничар Митко Ташков од ДЗС Гевгелија за понатамошна постапка до нивно уништување, според оперативните стандардни процедури.