Израел рано изутрина беше мета на ракетен напад, откако Иран соопшти дека ги задржува сите опции за да се одбрани по американските бомбардирања за кои претседателот Доналд Трамп рече дека ги „уништиле“ неговите клучни нуклеарни постројки.
Неколку часа откако Трамп драматично ги ескалираше тензиите на Блискиот Исток со испраќање бомбардери Б-2 во Иран, израелската војска ги предупреди луѓето да побараат засолниште.

Иранската организација за атомска енергија соопшти дека нема да дозволи развојот на нејзината „национална индустрија“ да биде запрен, пренесува Ројтерс.Израелската служба за брза помош соопшти дека најмалку 16 лица се повредени во утринскиот напад.
Сирени за воздушен напад се огласија низ поголемиот дел од земјата, испраќајќи милиони луѓе во безбедни соби и засолништа од бомби, додека над Ерусалим и во други делови од земјата одекнуваа експлозии и се гледаа пресретнувања на ракети.Не беше веднаш јасно колку ракети ги пробиле израелските системи за воздушна одбрана, но полицијата потврди најмалку три места на удар во станбени области во централен и северен Израел.

Израелскиот комерцијален центар Тел Авив и пристанишниот град Хаифа на север беа мета на нападите, каде спасувачки екипи ги пребаруваат урнатините, становите се претворија во урнатини, има уништени автомобили по улица и медицинските лица ги евакуираат повредените луѓе од низа разнесени куќи.
Повеќето авиокомпании продолжија да избегнуваат големи делови од Блискиот Исток по американските напади, според веб-страницата за следење на летови Флајт Радат24(FlightRadar24), а сообраќајот веќе го заобиколува воздушниот простор во регионот поради неодамнешните размени на ракети.

Ирански функционер, цитиран од новинската агенција Тасним, потврди дека дел од локацијата во Фордоу бил нападнат од „непријателски воздушни напади“. Сепак, Мохамад Манан Раиси, пратеник од Ком, во близина на Фордоу, изјави за полуофицијалната новинска агенција Фарс дека објектот не е сериозно оштетен.Репортер од иранскиот државен медиум ИРНА изјави дека пристигнал во близина на местото на настанот Фордоу во 3 часот наутро (23:30 часот по Гринич во сабота) и видел чад што „се чини дека е поврзан со воздушната одбрана“. Тој цитираше сведок во близина кој известил дека „се слушнале шест експлозии, но тие рекле дека не биле многу гласни“.