Минатата недела кога за првпат се појави оваа „планина“ од ѓубре, иако имаше префрлање на топката со надлежности помеѓу Општина Аеродром и Градот, што не е нешто ново и досега непознато, сепак од локалната самоуправа релативно брзо се справија со проблемот и ја исчистија оваа дива депонија. Минувачи по патеката што води кон главниот булевар „Кузман Јосифовски-Питу“ во близина на Железничката станица до редакцијата на „Слободен печат“ повторно пратија фотографии од истите контејнери за кои пишувавме минатата недела, кога околу нив, несовесните граѓани подолго време си депонирале секаков вид отпад што еволуираше во една нова минидепонија, појава што во изминативе месеци е во „тренд“ низ цело Скопје.

Тогаш, по објавата на „Слободен печат“, експресно стигна реакција од ЈП „Комунална хигиена“ во којашто тие тврдеа дека не се надлежни за шутот и отпадот околу контејнерите и дека нивните обврски за оваа локација се редовно извршувани, бидејќи контејнерите околу кои се фрлал отпадот биле испразнети.
Тие во реакцијата се согласија дека глетката е ужасна, но се оградија од одговорност за чистење на ова ѓубриште и топката ја префрлија кај службите и инспекторите од Општина Аеродром, кои според „Комунална“ се надлежни за постапување за овој проблем.
– Би сакале да ве информираме дека екипите на ЈП „Комунална хигиена“ ги празнат контејнерите поставени на јавни површини со истата динамика како во цела измината деценија, седумпати во неделата во согласност со Оперативниот план за собирање и транспортирање на комуналниот отпад донесен од Советот на град Скопје – информираа тогаш од претпријатието.
Контејнерите навистина беа испразнети, но глетката околу нив беше ужасна, веце-школки, кабли, градежен шут и неколку двоседи беа меѓу најобемниот депониран отпад, а од „Комунална хигиена“ како виновни за оваа минидепонија ги посочија Општина Аеродром и нивните инспектори.
– Во случај на споменатата локација, да, има неправилно одложен кабаст или градежен отпад, но екипите на претпријатието немаат надлежност да го подигнат истиот, ниту пак располагаат со специјално комунално возило за таа намена. Тоа е обврска на општината и градоначалникот на општината. Исто така, би сакале да напоменеме и дека ЈП „Комунална хигиена“ Скопје нема ингеренции да ги казнува прекршителите на законот, тоа може да го прави исклучиво заедно со Инспекторатот на Град Скопје, бидејќи инспекторатите на општините не излегуваат на терен и не постапуваат – велат од „Комунална хигиена“ за „Слободен печат“.

Од Општината, пак, ги демантираа тврдењата на комуналците дека локалната самоуправа е надлежна за оваа депонија и, како што велат, иако не било во рамките на нивните надлежности, општинските служби сепак ја исчистиле.
– Најпрво би сакале да ви укажеме на тоа дека од ЈП „Комунална хигиена“ ви дале сосема неточна информација. Локацијата што ја посочувате е во надлежност на Град Скопје, што значи дека за одржување на хигиената во тој дел треба да се грижи ЈП „Комунална хигиена“. Граѓаните за таа услуга си плаќаат во редовните месечни сметки, а тие приходи одат во касата на Градот и неговите јавни претпријатија. Но, поради неодговорното работење на ЈП „Комунална хигиена“, комуналните екипи на Општина Аеродром се принудени да ги одржуваат и површините што се под надлежност на Градот. Отпадот на таа локација е расчистен денеска од страна на вработените во Општина Аеродром, иако тоа не е нивна обврска – информираа од Општината.
Оттаму додадоа дека истиот ден, кратко по расчистувањето, граѓани повторно почнале да го отфрлаат отпадот на оваа локација. Една недела подоцна, ситуацијата е далеку од променета и подобрена. И вчера наутро на местото повторно има исфрлени парчиња мебел, а граѓани тврдат дека на депонијата фрлаат и од Поштата и од блиската пералница. Ѓубриштето од ден во ден повторно расте и отпадот што несовесните и неодговорни граѓани го оставаат на тротоарот и зелената површина се таложи.

Минатата недела, иако имаше префрлање на топката со надлежности помеѓу Општината и Градот, што не е нешто ново и досега непознато, сепак од локалната самоуправа релативно брзо се справија со проблемот и ја исчистија оваа дива депонија. За жал, ефективноста на оваа донекаде испровоцирана акција на Општината беше кратка бидејќи за помалку од една недела, на оваа локација повторно се создаде ново ѓубриште, што значи дека Општината и Градот конкретно и конечно треба да се договорат кој точно е надлежен за овој тротоар што е јавна површина која очигледно е „црна дупка“, чија ингеренција за уредување и редовна грижа очигледно не припаѓа никому. Граѓаните очекуваат двете страни да се договорат околу тоа кој треба да ја одржува чистотата во околината на Железничката станица, а потоа во најголем интерес на јавноста е засилување на мерките и санкции за оние што си продолжуваат како досега со активно и непречено уништување тротоари и зелени површини на штета на сите други граѓани што секојдневно минуваат одовде.