„Масив атак“ го разбуди Скопје! Спектакуларниот британски три-хоп бенд по 15 години повторно се врати во нашиот главен град и ја воодушеви публиката со звучна и визуелна магија под отворено небо.„Масив атак“ синоќа одржа феноменален 90-минутен концерт на стадионот на АРМ во Градскиот парк во Скопје. Концертот е дел од овогодинашното издание на фестивалот „Скопје колинг“ во организација на „Авалон продукција“.Нашата млада и талентирана музичарка Дина Јашари го отвори концертот и со својот уникатен, нежен и магичен настап предвести дека публиката ќе доживее незаборавно искуство.Култниот бенд ја поздрави публиката на македонски јазик со „добро вечер“ и го започна својот настап со песната „Risingson“. Покрај двајцата протагонисти Роберт Дел Наја и Грант Маршал, на сцената се појавија и нивните долгогодишни соработници Елизабет Фрејзер, Хорас Енди и Дебора Милер.
Придружени од неколку музички инструменти и врвни светлосни ефекти, бендот ги изведе и другите безвременски песни, како, „Inertia Creeps“, „Unfinished Sympathy“, „Safe from Harm“, „Angel“, „Group Four“, „Take It There“, „Teardrop“, кои се добро познати во светската дискографија, а во живо се далеку повозбудливи од нивните студиски верзии.
Бендот, кој е познат како вечен критичар на капитализмот и експлоатацијата, без никаква задршка испраќаше силни пораки за мир и ослободување, но и остра сатира на видеоекранот. Во текот на целиот концерт од публиката се слушаа довикувања „Слободна Палестина“ / „Free Palestine“, а се вееја и неколку палестински знамиња.
Неколкуилјадната публика уживаше во секоја минута од настапот на „Масив атак“ и беше сведок на спектакл каков што ретко може да се доживее.
Нивната безвременска музика навлезе во секоја пора и ги разбуди сите сетила кај присутните, пренесувајќи ги во сосема друга димензија. Стадионот на АРМ едноставно се претвори во едно магично место под ѕвезденото небо. Всушност, концертот не беше само аудиовизуелен спектакл, туку едно трансцендентно искуство.
Ноќта соодветно заврши, по час и половина неверојатен концерт, со магичниот глас на Елизабет и песната „Teardrop“. Членовите на бендот беа испратени со силни овации од публиката.
Несомнено овој концерт беше наменет за сите генерации кои се почитувачи на квалитетната музика. А, благодарение на својата уникатност, енергија и безвременски музички вредности, „Масив атак“ и по 37-годишното постоење остануваат актуелни на светската музичка сцена.Британтскиот бенд е основан во 1988 година, а својот прв албум „Blue Lines“ го сними во 1991 година, кој се смета за почетната точка на трип-хоп жанрот во музиката.„Масив атак“ има објавено само пет студиски албуми, од кои последниот „Heligoland“ излезе во 2010 година, но неговата дискографија вклучува и неколку миниалбуми, компилации и албуми со ремикси.Во Македонија, бендот за првпат настапи во 2006 во Скопје. Концертот се одржа на Скопски саем, а гостинка беше и Елизабет Фрејзер. Во 2010, култниот бенд настапи на фестивалот „Скопје гори“ на скопско Кале.