Заменикот генерален секретар на Собранието на Република Северна Македонија Никола Ѓошевски оствари средба со амбасадорката Терхи Хакала, специјален пратеник на финското Претседателство со ОБСЕ. На средбата беа разменети мислења за придонесот на ОБСЕ за нашата земја, како и за улогата на Република Северна Македонија во рамки на Организацијата. Како круна на соработката беше истакнато претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, при што значаен акцент беше ставен на придобивките од теренските мисии, како важен предуслов за подобрување на животот на луѓето кои се крајни корисници на активностите на Организацијата.
Посебно беше потенцирано активното учество на Собранието на РСМ во Парламентарното собрание на ОБСЕ, уште од 1993 година. Беше посочена и вклученоста на нашата Делегација во мисиите за набљудување на избори во други земји, како што и ОБСЕ/ОДИХР ги набљудува сите изборни циклуси во земјава, почнувајќи од 1998 година. Во тој контекст, соговорниците се осврнаа и на потребата од вклучување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во изборната регулатива пред претстојните локални избори. Ѓошевски се осврна на значењето на новиот Деловник за олеснување и демократизација на процедурите во Собранието. Во тој контекст, ја нагласи и плодната соработка со Мисијата на ОБСЕ за зајакнување на независноста, надзорната функција и демократската мисија на законодавниот дом, како и во промовирањето на родовата еднаквост и младинските политики.
Амбасадорката Хакала се осврна на приоритетите на финското Претседателство со ОБСЕ. Таа го истакна и значењето на парламентарната димензија во исполнувањето на мисијата на Организацијата, посочувајќи на потребата од постојано надградување на зацртаните принципи и унапредување на соработката помеѓу земјите членки на повеќе нивоа. На средбата присуствуваше и Никлас Линдквист, амбасадор на Финска, со седиште во Белград, кој се осврна на поддршката од нашата земја при зачленувањето во НАТО. Тој, исто така, изрази поддршка за понатамошниот процес за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.