На 9 мај 2025 година, во изложбениот простор Арсенале – Сале д’Арми (Sale d’Armi) во Венеција, свечено ќе биде отворен Павилјонот на Република Северна Македонија во рамки на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – La Biennale di Venezia. Проектот “STRADA BRUTALISSIMA”, под кураторство на Благоја Бајковски, е авторско дело на кураторот и тимот составен од Ана Рафаиловска, Невенка Манчева Аџиевска, Марија Антиќ Николова, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски. Комесари на изложбата се Маја Неделковска Брзанова и Фросина Зафировска. “STRADA BRUTALISSIMA” ја поставува во фокус бруталистичката архитектура на Скопје – уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот. Главната цел на “STRADA BRUTALISSIMA” е да ја активира архитектонската интелигенција вткаена во бруталистичкото наследство на Скопје. Во овој контекст, улицата (strada) претставува кураторска алатка за обликување на патека на ново архитектонско знаење. Поставката извлекува 10 бруталистички примери од автентичноста на нивниот контекст и ги репозиционира во нова просторна организација, создавајќи „концептуална улица на знаењето“.
Изложбата е структуирана низ два улични фронта, кои меѓусебно комуницираат и оформуваат линеарен репозиториум на информации и простор за критичко промислување. Првиот фронт е обликуван преку графичките биографии на избраните бруталистички објекти од Скопје кои ја илустрираат сложеноста на нивните архитектонски композиции. Вториот фронт претставува транскрипции на знаења инкорпорирани во овие објекти, надополнети со критички осврти од еминентни македонски и меѓународни архитекти. Во рамките на проектот се поканети значајни имиња од архитектонската дисциплина да дадат свој придонес во форма на критички осврт и куси дефиниции за скопскиот брутализам. “STRADA BRUTALISSIMA” укажува како колективното размислување за бруталистичката архитектура може да поттикне нови форми на архитектонска мисла кои предизвикуваат, информираат и ја трансформираат идната архитектонска пракса и генерираат нови визии за современата архитектура. На овој начин, проектот се вградува во генералната тема на престојната 19. Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција насловена Интелигенти. Природни. Вештачки. Колективни. курирана од италјанскиот архитект Карло Рати.
“STRADA BRUTALISSIMA” претставува проект од национален интерес во културата од областа на меѓународната соработка за учество на Република Северна Македонија на 19. Меѓународна изложба на архитектурата – La Biennale di Venezia и е финансиран од страна на Министерството за култура и туризам. Проектот е во организација на Националната установа Национална галерија во соработка со Архитектонски факултет-Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и поддржан од страна на Комора на овластени архитекти и овластени инженери. Д-р Благоја Бајковски, Доцент Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје Архитектонски факултет
Биографија: Благоја Бајковски е доцент на Архитектонски факултет-Скопје при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Додипломските студии ги завршил во 2009 година на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје. Во 2014-та година магистрира во областа на одржлива архитектура и урбанизам на Политехничкиот факултет во Милано (Politecnico di Milano). Во 2020 година ги завршува докторските студии на одделот за Архитектура и територија при Универзитетот Медитеранеа во Реџо Калабрија (Departimento Architettura e Territorio, Università Mediterranea di Reggio Calabria) на тема Operative Atlas of Brutalist Skopje – A graphic biography of 15 architectures. Во 2018 заедно со група автори ја курира изложбата 99FILES -Бруталистичка архитектура Скопје во Музејот на современа уметност во Скопје а во 2024 и на факултетот за архитектура „Фредероко II“ при Универзитетот во Неапол, Италија (Federico II Diarc Unina, Università di Napoli). Како дел од авторски тим, учествува со проект во рамките на македонското национално претставување на 16. Меѓународна архитектонска изложба la Biennale di Venezia 2018, во организација на Музеј на современа уметност – Скопје, со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, под кураторство на Слободан Велевски и Марија Мано Велевска. Во 2023 година, како дел од авторски тим зема учество во Египетскиот национален павилјон на 18. Меѓународна архитектонска изложба la Biennale di Venezia, во рамките на проектот NiLab раководен од професори на Факултетот за инженерство при Универзитетот Аин-Шамс во Каиро, Египет и Отсекот за архитектура на Универзитетот Медитеранеа во Реџо Калабрија, Италија.