Од улиците на Белград во Србија до Скопје во Северна Македонија, слоганот „корупцијата убива“ одекнува низ Балканот, скандиран од студенти огорчени од смртта на десетици луѓе во несреќи за кои се верува дека се предизвикани од корумпирани системи, пишува денеска агенцијата „Франс прес“ во написот со наслов „Младите се будат на Балканот“. Според агенцијата „Франс прес, првите демонстрации во Србија избувнаа во ноември, по уривањето на настрешница на новообновената железничка станица во вториот по големина град во земјата, Нови Сад, при што загинаа 16 лица. Наскоро, дел од земјата ја виде раката на корупцијата во таа катастрофа, околу новообновената железничка станица, високите трошоци и нетранспарентните договори, пишува агенцијата Франс прес.
Агенцијата посочува дека низ Србија на транспаренти, беџови и ѕидови се појавила црвена рака од крв, што стана симбол на протестот што ја тресе земјата, најголем од 1990-тите, а чие раководство набрзо го презедоа студентите. Во март, пишува француската агенција, црвената рака се појави и во Македонија по драматичниот пожар во дискотека во Кочани, во кој загинаа 59 лица. Агенцијата посочува дека дискотеката работела со незаконски добиена дозвола, дека биле користени нелиценцирани пиротехнички средства што го запалиле таванот на преполната сала и дека на концертот на популарната хип-хоп група имало најмалку 600 луѓе, додека на клубот му било дозволено да прими само 250 лица, додека демонстрантите извикуваа „убијци“ и бараа целосна одговорност. Агенцијата „Франс прес“ јавува дека Софија Тодоровиќ, директорка на српскиот огранок на Младинската иницијатива за човекови права, изјавила дека и е драго што младите го презеле водството во протестите, во време кога, како што рече, многумина ја сметале оваа генерација „пасивна, апсорбирана од интернетот и нивните телефони“.
„Младите луѓе се доказ за многу подобро расудување и мудрост од претходните генерации. Тие навистина чувствуваат дека треба да играат улога, нивниот глас е важен, тоа е клучно за иднината на регионот“, рече Тодоровиќ, цитиран од агенцијата Франс прес. Агенцијата ги цитира и зборовите на Александар Попов, претседател на Центарот за регионализам, кој вели дека српските студенти се вистински извор на инспирација за сите оние низ регионот кои се фрустрирани од нивото на корупција, која, како што е видено, може да биде смртоносна. Агенцијата „Франс прес“ потсетува дека Србија е рангирана на 105-то место од 180 земји според индексот на перцепција на корупцијата на невладината организација „Транспаренси интернешнал“, додавајќи дека Северна Македонија е на 88-то место на листата.