Еден од лидерите на француската крајна десница, Џордан Бардела, денеска оцени дека Русија претставува „мултидимензионална закана за Франција“ и Европа. Бардела изјави за радиото Франс Интер дека „Русија сега е јасно повеќедимензионална закана за Франција и европските интереси“. Тој како пример ги наведе руското мешање за време на изборната кампања за парламентарните избори и ситуацијата во Црното Море, каде редовно се на мета француски воени бродови. -Основното прашање што мора да си го поставиме е дали Русија ги загрозува француските интереси до тој степен што ќе се најдеме лице в лице и во војна со земја која е нуклеарна сила, рече Бардела, претседател на екстремно десничарската партија, Национален собир.

Бардела рече дека го поддржува територијалниот суверенитет на Украина, но верува дека иднината на Франција и Европа не може да вклучува „тајна војна“ со една нуклеарна сила. Според него, учеството на западните земји е неопходно за да се постигне мир во Украина. -Не можеме да се соочиме со сила која ги предизвикува француските интереси и интересите на Западот, ако самите Западњаци не се обединети, рече Бардела, поддржувајќи го ставот на италијанската премиерка, Џорџа Мелони, која неодамна ги повика Европејците да останат сојузници со Америка на Доналд Трамп.