Вредноста на францускиот извоз на вино и алкохолни пијалаци падна за четири отсто на годишно ниво во 2024 година, под притисок на остриот пад на продажбата во Кина, објави Федерацијата на француски извозници на вино и жестоки пијалаци, пишува Политика.рс. „Оваа бројка означува нов пад во споредба со 2023 година, но со стабилизирање на обемот, во контекст сè уште обележан со економски и геополитички тензии“, резимира ФЕВС во својот годишен извештај претставен на Парискиот саем за вино.
Претседателот на ФЕВС, Габриел Пикард изјави дека Франција сè уште има трет по големина трговски суфицит во секторот трговија со вино и алкохолни пијалаци, но предупреди и дека вишокот постепено се намалува, пренесува Фигаро. Францускиот извоз на вино и алкохолни пијалаци на главниот пазар во САД се зголеми за пет отсто во 2024 година, но во исто време извозот во Кина се намали за цели 20,2 отсто на помалку од една милијарда евра. Федерацијата го привлече вниманието на кризата во кинескиот сектор за недвижности и невработеност кај младите, кои негативно влијаат на потрошувачката таму. Продажбата на француски шампањ во странство минатата година паднала за осум отсто, а на алкохолните пијалаци за 6,5 отсто, се додава во извештајот.