Фронтменот на бендот ДНК, Владимир Блажев-Панчо, повреден во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е во стабилна состојба и во моментот не е во животна опасност, соопшти стручниот лекарски конзилиум во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, каде што се лекува.
„Пациентот Владимир Блажев-Панчо од приемот до денес се наоѓа во единицата за интензивно лекување. На овој оддел се применува највисоко ниво на медицинска грижа. По спроведување на интензивното лекување, она што можеме да кажеме е дека пациентот е стабилен и дека во моментот е надвор од животозагрозувачка состојба. Неговото лекување продолжува во единицата за интензивна нега, во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим лекари со цел да овозможат најдобра медицинска грижа“, велат од „Аџибадем Систина“ и нагласуваат дека информацијата за здравстената состојба на Панчо е дадена од страна на лекарскиот тим, кој е одговорен за неговиот третман и е единствена официјална информација потврдена од болницата.
„Ниеден пациент што беше хоспитализиран кај нас не е препратен во друга здравствена институција. Повредените лица што се третираат во ’Аџибадем Систина’ ја добиваат најдобрата грижа на ниво на светските болници, тоа го утврди и екипата на странски експерти, кои дојдоа да ја посетат болницата. Имавме можност за размена на искуства со специјалисти по интензивно лекување и специјалисти по пластична хирургија од Израел и Чешка, кои ја посетија нашата болница. Тие се согласуваат дека нашите пациенти се лекуваат според сите светски протоколи и добиваат третман еднаков како што би го добиле и во нивните болници. Во нашата болница имавме пациенти со разни повреди, како набиеници, скршеници, изгореници од различен степен и пациенти со респираторни проблеми како резултат на вдишениот чад од пожарот“, велат од „Аџибадем Систина“.