Власта и Министерството за надворешни работи направиле срамна, банална и полна со неточности кривична пријава за да извршат притисок врз моите јавни настапи кои се критички кон власта, реагира поранешниот шеф на Постојаната мисија на Македонија при Обединети нации во Њујорк, Љубомир Фрчкоски откако беше објавено дека заедно со уште три лица, е осомничен за злоупотреби во службата.
-После голема пауза на процена дали професорот ќе молчи или ќе ја критикува власта за погубните политики, МНР сепак одлучило да изврши притисок со појава на комична и полна неточности кривична пријава за целата екипа на Амбасадата на НРМ во Њујорк со цел ширење страв и замолчување. Според Законот за Министерството за надворешни работи и Правилникот за плати и надоместоци на МНР, амбасадор е овластен и може законски да врши пренамена на средства според потребите на работата на амбасадата и сите сторени „пречекорувања“ се сторени во рамките на неговите законски овластувања – вели Фрчкоски.