Претставникот на американскиот претседател за Блискиот исток, Стив Виткоф, денеска изјави дека очекува следната недела да биде потпишан договорот за пристап на САД до богатите украински наоѓалишта на ретки минерални суровини, пренесуваат американските медиуми. Виткоф беше вклучен во организацијата на првата средба меѓу американски и руски претставници за Украина минатата недела во Саудиска Арабија. Во неделното интервју за „Си-ен-ен“, тој изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп му испратил порака на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој, како што рече, „повеќе не се колеба по ова прашање бидејќи разбира колку САД направиле за Украина со тоа што ѝ помогнале“.
Американскиот претставник, кој минатата недела изјави дека „развил пријателство“ со рускиот претседател Владимир Путин откако ја посетил Москва, во интервјуто рече дека Зеленски отпрвин се колебал околу потпишувањето на договор со кој на САД би им биле отстапени ретките минерални наоѓалишта на Украина. Трамп во саботата изјави дека сака Украина да ги врати милијардите долари што САД ѝ ги испратија на земјата како помош во одбраната од руската инвазија, во замена за нејзините ретки метали и нафта.