Почитувани членови на семејствата на загинатите во трагичниот настан во Кочани,
Можам само да замислам низ каква болка поминувате. Знам дека ви е тешко и дека злонамерни луѓе се обидуваат да ја искористат вашата ситуација за да нè претстават нас, новинарите, како ваши непријатели. Но, на иста страна сме! Не сме ваши непријатели!
Секој колега што го сретнав во Кочани дојде со намера да не дозволи ништо да се сокрие и виновниците да одговараат. Вашата болка не смее да се искористи за еден клик повеќе, но верувајте – добар новинар, новинар со добра намера, новинар кој пред сè е човек, не доаѓа на ваков настан со идејата да биде гледан или читан. Повеќето новинари што ги видов во Кочани се токму такви – дојдени со добра намера. Ве молам, дозволете ни да се бориме до крај, рамо до рамо со вас, за да се осигураме дека, ако ништо друго, нашите деца утре ќе можат да шетаат низ градот без страв, а ние да заспиеме мирно.