Фудбалската федерација на Македонија денеска ги објави санкциите што ги донесе Дисциплинската комисија, а најтешко помина екипата на Гостивар, која ќе се соочи со сериозни последици по инцидентите на натпреварот против Работнички. Клубот од Гостивар, кој во рамки на 29. коло од Првата лига одлучи да го напушти теренот по примениот гол за 2-1 во корист на Работнички е казнет одземање на девет бодови, како и забрана за играње на домашен терен во следните 10 натпревари. Овие натпревари клубот ќе мора да ги одигра на терен оддалечен најмалку 100 километри од пријавениот домашен стадион.
Со санкции се соочија и главните виновници за инцидентот. Претседателот Енес Уста доби двегодишна суспензија од вршење фудбалска функција, а истата казна ја добија и играчот Алпер Потук и тренерот Блажо Панов, поради тоа што ги повикале играчите да го напуштат натпреварот. Дополнително, сите фудбалери кои беа во записникот за тој натпревар добија парични казни во износ од по 500 евра. Исто така Гостивар ќе мора да плати и доплнителни 5.000 евра. Останати одлуки на Дисциплинската комисија:
ФК Башкими е казнет со 3.500 евра поради пиротехнички средства и присуство на неслужбено лице во службени простории на натпреварот против ФК Новаци. Претседателот на Башкими, Бурак Хида, доби двомесечна забрана за вршење функција поради вербален напад врз судиите. ФК Струга Трим Лум ќе плати 5.000 евра поради организациски пропусти и инцидент на натпреварот со Гостивар во 28. коло. Против ФК Воска е покрената постапка поради непојавување на натпреварот со Брера А.П. во Струмица.