Хамас е подготвен да ги ослободи сите преостанати заложници во Појасот Газа за време на втората фаза од прекинот на огнот меѓу палестинското исламистичко движење и Израел по 15 месеци војна, изјави денеска претставник на Хамас. „Ги информиравме посредниците дека Хамас е подготвен да ги ослободи сите заложници одеднаш во текот на втората фаза од договорот, а не одделно како во првата фаза што моментално е во тек“, изјави официјален претставник Тахер ал-Нуну за АФП. Тој не прецизираше колку заложници земени за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година се уште се во Појасот Газа. Тој ден беа киднапирани вкупно 251 лице. Седумдесет се уште се во притвор во Газа, од кои најмалку 35 загинале, според израелската војска.
За време на првата фаза од договорот за прекин на огнот, кој треба да заврши на 2 март, беа ослободени 19 израелски заложници во замена за повеќе од 1.100 палестински затвореници. Точно 16 дена по стапувањето на сила на прекинот на огнот на 19 јануари или почетокот на февруари, требаше да започнат индиректните преговори меѓу Израел и Хамас, но тоа не се случи. Условите на втората фаза од прекинот на огнот, со кој дефинитивно ќе заврши војната и ќе се ослободат сите заложници, мора да бидат завршени до 2 март. Потоа, доколку втората фаза оди според планираното, третата и последна фаза ќе се фокусира на обновата на Газа.