Хамас денеска соопшти дека израелските заложници што ги држи во Газа би можеле да бидат убиени доколку Израел се обиде да ги ослободи насилно и ако продолжат нападите на палестинската територија. Палестинското исламистичко милитантно движење во соопштение наведе дека прави „се што е можно за да ги одржи во живот заробениците, но неселективното ционистичко бомбардирање ги става нивните животи во опасност“. „Секогаш кога окупацијата се обидува да ги врати своите заробеници со сила, на крајот ги враќа во ковчези“, додаде Хамас. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска ги повтори заканите дека ќе заземе територија во Појасот Газа доколку Хамас не ги ослободи преостанатите заложници што се уште ги држи.
– Колку повеќе Хамас одбива да ги ослободи нашите заложници, толку посилна ќе биде репресијата што ја спроведуваме, изјави Нетанјаху во парламентот. „Тоа вклучува преземање територија и вклучува други работи“, рече тој. Израелската војска го продолжи бомбардирањето на Појасот Газа на 18 март по речиси двомесечен прекин на огнот во војната предизвикана од терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Од 251 заложник земени за време на нападот, 58 се уште се држат во Појасот Газа, од кои 34 се мртви, соопшти израелската војска