Хамас изјави дека преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа се бесмислени во оваа фаза и ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Израел да ја запре „војната на гладот“ во палестинската енклава, изјави денес висок функционер. „Нема смисла да се влегува во преговори или да се разгледуваат нови предлози за прекин на огнот сè додека војната на гладот и војната на истребување продолжуваат во Појасот Газа“, рече Басем Наим, член на политичкото биро на Хамас, во разговор за АФП. „Светот мора да изврши притисок врз владата на (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху да ги запре злосторствата од глад, жед и убиства“ во Газа, додаде тој.
Изјавите на Наим дојдоа еден ден откако израелската влада објави дека ги проширува воените операции во Појасот Газа за да го вклучи и „освојувањето“ на енклавата. Појасот Газа, чии речиси сите жители веќе се раселени многу пати од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, е под целосна блокада од 2 март, при што Израел спречува влез на помош, што резултираше со сериозна хуманитарна криза. Портпаролот на Службата за цивилна одбрана во Газа, Махмуд Башал, денес изјави дека тројца Палестинци, меѓу кои и едно мало девојче, биле убиени од израелско гранатирање денес во зори во различни области на палестинската енклава.