Хамас формално ја отфрли најновата понуда на Израел за прекин на огнот, велејќи дека е подготвен веднаш да преговара за договор со кој ќе бидат ослободени сите преостанати заложници во замена за крај на војната и ослободување на палестинските затвореници, пренесува Би-би-си. „Нема да прифатиме делумни договори кои служат на политичката агенда на [израелскиот премиер Бенјамин] Нетанјаху“, рече главниот преговарач на Хамас, Калил ал-Хаја во видео изјава. Педесет и девет заложници остануваат во заробеништво, а 24 се смета дека се живи. Последната понуда на Израел вклучуваше 45-дневен прекин на огнот во замена за ослободување на 10 заложници.
Екстремно десничарскиот израелски министер за финансии Безалел Смотрич рече дека е време „да се отворат портите на пеколот“ на Хамас. Официјални лица на Хамас веќе укажаа на Би-Би-Си на почетокот на неделата дека ќе го отфрлат планот. „Нетанјаху и неговата влада користат делумни договори како покритие за нивната политичка агенда, која се заснова на продолжување на војната за истребување и гладување, дури и ако цената е жртвување на сите негови затвореници [заложници]“, рече Хаја.
Тој додаде дека групата е „подготвена веднаш да преговара за договор за размена на сите заложници со договорен број Палестинци затворени од Израел“ и да се стави крај на војната. Хамас претходно изјави дека ќе размислува за севкупен договор за ставање крај на војната, но двете страни не се ни блиску до каков било вид договор што би го постигнал тоа. Наведената цел на Израел е целосно разоружување и уништување на Хамас. Во меѓувреме, десетици жители на Газа умираат секој ден во воздушни напади без воопшто да влезе хуманитарна помош во појасот.