Хаос избувна во главниот град на Романија во неделата вечерта, откако разлутени поддржувачи на екстремно десничарскиот популист Калин Георгеску протестираа против одлуката на изборната комисија да ја одбие неговата кандидатура за повторувањето на претседателските избори. Тој победи во првиот круг од изборите минатата година, пред врховниот суд да ги поништи резултатите, објави Асошиејтед прес. Георгеску ја поднесе својата кандидатура во петокот, а Централната изборна комисија имаше 48 часа да ја регистрира или да ја одбие. Во својата одлука, комисијата се повика на пресудата на Уставниот суд од минатата година со која изборите беа поништени, аргументирајќи дека тоа било направено поради „неспроведување на изборните регулативи од страна на кандидатот“. „Би било неприфатливо повторениот изборен процес да го разгледува истиот кандидат како подобен за претседател,“ соопшти комисијата. Одлуката може да биде обжалена пред Уставниот суд на Романија во рок од 24 часа. Стотици демонстранти се собраа пред седиштето на изборната комисија за да го изразат својот гнев кон одлуката, носејќи романски знамиња и извикувајќи: „Последниот излез е нова револуција!“
Некои од демонстрантите фрлаа бекатон плочки и други предмети кон специјалната полиција, а превртеа и новинарско возило. Георгеску во неделата ја нарече оваа одлука „директен удар врз срцето на демократијата ширум светот!“ „Имам само една порака! Ако демократијата во Романија падне, целиот демократски свет ќе падне! Ова е само почеток. Толку е едноставно! Европа сега е диктатура, Романија е под тиранија!“, напиша тој на социјалната мрежа X. Одбивањето на кандидатурата на Георгеску дојде откако Уставниот суд ги поништи резултатите од првиот круг само два дена пред планираниот втор круг на 8 декември, поради наводи дека Русија водела координирана онлајн кампања за промоција на Георгеску, кој се кандидираше како независен кандидат.
Оваа одлука ја доведе земјата, членка на Европската Унија и НАТО, во долготрајна политичка криза. Минатиот месец, обвинителите започнаа кривична истрага против Георгеску, обвинувајќи го за „поттикнување на дејствија против уставниот поредок“, поддршка на фашистички групи и лажно прикажување на финансии за изборната кампања и имотни декларации. Пред изборите на 24 ноември, Георгеску, кој се наоѓа под судски надзор и постојано ги негира сите обвинувања, имаше ниска поддршка во анкетите и пријави нула потрошени средства за кампањата. Но, брзо се појавија обвинувања за изборни прекршоци и руска интервенција. Москва ги негираше тврдењата дека се мешала во изборите.
Георгеску има дадено пофалби за рускиот претседател Владимир Путин и го довел во прашање државниот суверенитет на Украина, но тврди дека не е проруско ориентиран. Првиот круг од повторените избори е закажан за 4 мај. Ако ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, вториот круг ќе се одржи на 18 мај. Крајниот рок за пријавување кандидатури за претседател е 15 март на полноќ. Џорџе Симион, лидерот на екстремно десничарската партија Алијанса за единство на Романците, кој го поддржуваше Георгеску, реагираше на одлуката на изборната комисија нарекувајќи ја „ново злоупотребување и продолжение на државниот удар.“