Дваесет и осумгодишен кичевец вчера дивеел низ градот, предизвикувајќи страв и паника кај населението. Насилникoт прво нападнал таксист, потоа ученици, полицајци и член на обезбедување во болница. Според информациите, 28-годишникот сопрел такси па му се заканувал на возачот, потоа влегол во две средни училишта каде им се заканувал и нападнал ученици и вработени. Не застанал тука, туку продолжил со агресивното однесување – нападнал случаен минувач, како и вработен во обезбедување во болницата во Кичево, на кој му нанел повреда со нож. На крајот, кога бил приведен, во службените простории на ОВР Кичево, нападнал и полицаец.
„На 16.04.2025 во 11.45 часот на улица „Круме Угриноски“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода Е.З.(28) од Кичево. На улица „29 Ноември“ во Кичево, тој со закана со остар предмет сопрел такси возило и се заканувал на возачот, по што во две средни училишта агресивно се однесувал и физички нападнал ученици и вработени, а нападнал и случаен минувач на Градскиот кеј на реката Сушица и вработен како обезбедување во Медицинскиот центар во Кичево, на кого му нанел повреда со остриот предмет. Подоцна, откако бил приведен, во службени простории на ОВР Кичево Е.З. физички нападнал и полициски службеник. По целосно документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава“ соопшти МВР.