Деветнаесетгодишното момче-херој, Јован Костадинов од Виница, кој успеал да спаси дваесетина животи за време на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, е во добра состојба. Тој е згрижен во скопскиот Клинички центар и очекува за неколку дена да биде отпуштен, пишува „24 инфо“. Јован вели она што го видел не може да се опише со зборови, па ќе му треба време додека да може да зборува за целата трагедија.
„Ги гледаш другарите и другарките како умираат во раце, а не можеш ништо да направиш, ги вадиш само од чадот…“, вели Костадинов, кој стана познат како „тивкиот херој“ од трагедијата во Кочани, која однесе 59 млади животи.
Сведоци на драматичните моменти од пожарот и хаосот кој настанал, раскажаа дека Јован брзо размислувал и во блиска гаража нашол црево со кое ја натопил маицата со вода, ја ставил на лицето да се заштити од огнот и тргнал во херојскиот подвиг. Деновиве на социјалните мрежи се актуелни бројни повици до државата да му оддаде почит и да го одликува младиот Јован Костадинов за неговата исклучителна храброст.