Поранешниот хрватски конзул во Бања Лука Бруно Пауревиќ дури почнал да го реновира станот во центарот на Загреб, по што надлежните повеле постапка да го иселат, која трае веќе пет години. Поранешниот хрватски конзул во Бања Лука, Бруно Пауревиќ, пред седум години добил државен стан во центарот на Загреб, кој требало да го користи три месеци, но тој и денес живее во станот, пишува „Вечерњи лист“. Адвокатот на функционерот, кој правото го стекнал со статусот ја хрватски бранител, вели дека тој го добил станот заради лекување, кое сè уште не е завршено. Според Министерството за хрватски бранители, Пауревиќ нема право на користење и уште од 2019 година по судски пат се обидува да го „избрка“ поранешниот дипломат од станот. Од Министерството за државен имот велат дека таа година била покрената „судска постапка за иселување“ против „незаконскиот корисник Бруно Пауревиќ“. Постапката сè уште е во тек, додаваат оттаму, а во меѓувреме станот е „предаден на управата на Друштвото за државни недвижности, кое ќе постапи согласно пресудата на Општинскиот граѓански суд во Загреб“.
А како Пауревиќ воопшто добил стан од 80 квадрати во центарот на Загреб? Според информациите од Министерството за хрватски бранители, тој на крајот на 2017 година побарал помош за домување, но за него немале соодветен стан, па побарале од Министерството за државен имот да му обезбеди стан во Загреб. Ова го прават, односно му даваат дозвола да го користи станот три месеци заради лекување, со можност за продолжување, која Пауревиќ ја користи. Меѓутоа, откако Министерството за државен имот дознало дека Пауревиќ почнал да го реновира станот, во април 2018 година одбиле да го потпишат Договорот за доделување стан со Министерството за бранители и барале од Пауревиќ да се исели.
Самиот Пауревиќ упатува кај неговиот адвокат Зоран Галиќ, кој вели: „Станот на именуваното лице е даден на времено користење врз основа на Решение на Министерството за хрватски бранители од 10.11.2017 година заради лекување во градот Загреб, чие лекување продолжува и до денес, за што постои веродостојна медицинска документација“. Пауревиќ, инаку, има контроверзно минато. Тој во 2007 година, според хрватските медиуми, бил уапсен на автопатот Загреб-Липовац во „Мерцедес“ украден во Словенија една недела претходно, а следниот ден Министерството за надворешни работи и евроинтеграции му го раскинало договорот за работа. Се пишуваше и дека тој бил неславно отпуштен од службата во хрватската војска, откако обвинителството го обвинило дека заедно со друго лице украл автомобил во сопственост на словенечка лизинг-компанија, на него ставил италијански регистарски таблички и возел во Хрватска со намера да го пренесе во Босна и Херцеговина.