Организирана мрежа од цариници, полицајци, шпедитери и нотари препродава половни возила со фалц документи. До ОЈО се поднесени 41 кривична пријави за 32 правни и 118 физички лица, за сторени кривични дела со 140 возила, за кои е докажано дека преку фалсификувани документи, Буџетот бил директно оштетен за 239 илјади евра, соопшти директор на Царина, Бобан Николовски. Осумдесет и пет кривични пријави во овие пет месеци поднела Царинската управа на Македонија, што е иста бројка со поднесените кривични пријави во изминатите три години, истакна директорот Бобан Николовски, детализирајќи дека се работи на повеќе фронтови да се спречат царинските измами со половни возила, со храна, со шверц на злато и сребро и накит, а борбата е насочена и кон фалсификуваните лиценци во меѓународниот патен превоз, избегнати акцизи и злоупотребена службена положба. Сите овие измами биле со цел да се избегнат давачките кон државата, десеттина цариници добиле и отказ во изминатиот период, а според Николовски, се менува перцепцијата кон царинската служба и се спроведуваат зајакнати контроли. Директорот посочи и дека изминатиот период акцентот е ставен и врз увозот на половни возила.
– До ОЈО се поднесени 41 кривична пријави за 32 правни и 118 физички лица, за сторени кривични дела со 140 возила, за кои е докажано дека преку фалсификувани документи со вклученост на шпедитери, цариници, полицајци, па дури и нотари, Буџетот бил директно оштетен за 239 илјади евра – поентираше Николовски. Последниот ваков случај кој е откриен и документиран од Секторот за контрола и истраги и во кој се плетела организирана мрежа од шпедитери, цариници, полицајци и нотар и за кој се поднесени 9 кривични пријави била нелегалната трансакција со едно возило марка „мерцедес“, кој е запленет. Возилото е влезено од Италија, лажно прикажано како штотуку увезено со фалсификувани документи, со лажни регистерски таблички и без да се платат давачки со помош на внатрешни лица. Притоа бил употребен лажен потпис и печат на фирма, која ниту сакала, ниту имала намера да го купи автомобилот.
– Ова сигурно не е прв ваков случај, а нема да биде ни последен. Во минатото многу малку се обрнувало внимание на вклученоста на шпедитерите и цариниците, затоа сега работиме на други вакви случаи, за да не бидат оштетени купувачите на половни возила, кои не може да знаат дали возилото е „чисто“ и законски увезено. Јасно е дека нелегално увезените автомобили се одземаат, а крајниот купувач останува и без пари и без автомобил. Нам ни е битен целиот процес на сузбивање на ваквите злоупотреби – објасни Николовски. Директорот на Царината откри и друг случај на увоз на половни возила од 2022 до 2024 година, кои биле лажно прикажувани како камиони за да се избегнат царинските давачки. Запленети се 34 возила во вредност од 145 илјади евра и за нив дополнително се наплатени царинските давачки.
Увозниците лажно прикажувале месо за да не платат царина Повеќе увозници на месо изминатиот период се обиделе да ги изиграат царинските прописи и избегнувале да платат царина. Имено во пет случаи при контроли за увоз на месо е остварена е дополнителна наплата од 178 илјади евра, а против сторителите се поднесени соодветни кривични пријави. Увозниците го тарифирале месото со пониски тарифни ставки за да ги избегнат давачките, па наместо 19 отсто царина и 5 отсто ДДВ, пријавувале месо од пониски тарифни броеви, на пример месо за доработка и не плаќале царина, туку само ДДВ од 5 отсто. -Се работи не само за пилешко, туку и за свинско и говедско месо, кое било декларирано со пониски царински тарифни ставки- рече Николовски.
Цариниците се се поактивни и на граничниот премин Пелинце Царините работат турбо не само на оние најфреквентните, туку и на граничните премини на кои досега не се обрнувало толкаво внимание, се пофали директорот Николовски. Како куриозитет го спомена преминот Пелинце, каде со години не се паметело да има записник за сторен царински прекршок кој завршил со кривична пријава. -На овој премин е спречен обид за криумчарење на 15 парчиња златни монети и индустриско злато, како и 8 парчиња сребрени монети и индустриско сребро од страна на странски државјанин во вредност од 39 илјади евра – соопшти Николовски.