Соединетите Американски Држави досега инкасираа 21 милијарда долари од царините кои беа наметнати од претседателот Доналд Трамп од неговата инаугурација на 20 јануари, објави во средата Царината и граничната заштита на САД (CBP), пренесува CNBC. Трамп инсистира на тоа дека неговите царини генерираат две милијарди долари дневно за САД, но тоа очигледно не е така.
Според CBP, само од 5 април, САД добиваат 500 милиони долари дневно како реципрочни царини. Американското Министерство за финансии објасни дека тој ден биле собрани царини од 305 милиони долари. На почетокот на месецот Трамп најави реципрочни царини за увоз од речиси целиот свет. Подоцна ги ограничи на десет проценти за 90 дена, освен за Кина, за која важат дополнителни царини од 145 проценти.