Претседателот на САД Доналд Трамп во неделата речае дека реципроцитетните царини што ќе бидат објавени неделава ќе важат за сите земји, а не само за 10 до 15 држави со кои САД има најголема трговска нерамнотежа. Трамп вети дека ќе објави сеопфатен план за воведување царини во среда, а тој ден го нарекува „Ден на ослободувањето“. Претходно веќе воведе царини за алуминиум, челик и автомобили, а ги зголеми царините за увоз на сите стоки од Кина. Трамп ги гледа царините како начин за заштита на домашната економија од нечесна глобална конкуренција и како преговарачки адут за подобри позиции на САД. Но, загриженоста околу трговската војна ги вознемирува финансиските пазари и создава страв од рецесија во САД.
Минатите недели цените на акциите на Вол Стрит и другите најголеми светски берзи остро паднаа поради неизвесност околу тие царини и страв од ескалација на трговската војна со оглед на тоа што многу држави, вклучително Кина, Канада и ЕУ, најавија противмерки. Трамп рече дека ќе наметне низа реципроцитетни царини против земјите кои наплаќаат царини за увозот на американски производи, односно вети дека ќе ги изедначи царините. Тој претходно потпиша меморандум со кој наложи на американските службеници да ги анализираат трговските односи со сите земји и да состават попис на прикладни противмерки. Минатата недела сугерираше дека би можел да ги ублажи своите планови, можеби во некои ситуации да направи исклучоци или да воведе пониски царини од тие што земјите ги имаат кога наплаќаат увоз од САД. Неодамна од Белата Куќа порачаа дека царинските планови би можеле да бидат насочени кон 10 до 15 земји со кои САД има најголема трговска нерамнотежа. Но, сега Трамп повторно порачува дека реципроцитетните царини би можеле да ги зафатат сите земји.