Пратеникот на СДСМ Борче Цветков на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во врска со новата пресметка за трошоците за таканаречената просечна кошница и промашените мерки на владата за креирање економски политики, кои доведуваат до економска стагнација и влошување на животниот стандард на граѓаните. Во продолжение интегрален текст на прашањето: Заглавена економија, урнисан животен стандард – ова е денешната реалност по 10 месеци од оваа Влада. Македонската економија е далеку од брзо-растечка, а животот на граѓаните не е ни малку лагоден. 10 месеци сме сведоци на погрешни политики кои резултираа со економска стагнација и животен стандард кој од месец во месец се влошува.
Како Влада, не исполнивте ниту едно ваше ветување. Демонстриравте тотална незаинтересираност – покажавте тотална неспособност за креирање на економски политики. Затоа и сите ваши мерки не само што не дадоа конкретни позитивни ефекти, туку напротив уште повеќе го влошија животот на граѓаните. И сами го признавте дебаклот на вашата есенска, па потоа и новогодишна кошница. Застанавте на страната на елитата, наместо во заштита на граѓаните. И последната повторно задоцнета мерка за замзрнување на маржата на 10% не ги даде очекуваните резултати за намалување на цените. Синдикалната кошница месецов достигна нов рекорд – на граѓаните им се потребни 836 денари повеќе од март за да можат да ги покријат основните потреби. Или – едно четиричлено семејство треба да има вкупен семеен буџет од 62.700 денари за да може да го преживее месецот.
Најголем раст има кај трошоците за храна и пијалоци, но и во транспорт, здравство, сметки за домаќинство. Семејниот буџет на граѓаните е на минимум, а притисокот од цените расте. Ниту три минимални плати не се доволни за покривање на основните животни потреби. И јасно е зошто сега планирате нова пресметка на трошоците за основните потреби и под ново име – „просечна кошница“. Нема веќе да е четричлено семејство туку ќе биде тричлено, кое ни оддалеку не се како во реалноста. Според вашите пресметки семејниот буџет може да се користи само за храна и сметки и сево ова е е резултат на вашата незаинтересираност на немањето визија за социјален и економски напредок на државата.Оттука моето прашање до Вас министре е: „Дали ќе се откажете од новата пресметка за трошоците за таканаречената просечна кошница, а наместо тоа ќе ја зголемите минималната плата на 30.000 денари?