Советниците во Советот на Општина Центар денеска на вонредна седница, одржана по барање на градоначалникот Горан Герасимовски, едногласно донесоа одлука за доделување парична помош во износ од еден милион денари за настраданите и повредените во трагедијата во Кочани. Седницата започна со едноминутен молк во знак на почит кон загинатите. Герасимовски, потенцира дека во овие моменти на голема болка, не постојат зборови што може да ја намалат тагата, но постои нешто што може сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно.
Трагедијата во Кочани е огромна болка за сите нас, не можам ни да замислам како им е на оние фамилии што ги загубија своите најмили. Во овие моменти на тага, не постојат зборови што можат да ја намалат тагата, но постои нешто што можеме сите ние да направиме, а тоа е да бидеме сплотени и меѓусебно да си помагаме кога е најпотребно. Загубата е непроценлива, но човечката поддршка и заедништвото се тие што можат барем малку да ја олеснат тежината што ја носат овие семејства. Општина Центар издвои еден милион денари за семејствата на настраданите и повредените, ги повикувам и другите општини да се мобилираат, мораме да бидеме солидарни и сплотени, истакнува Герасимовски.
Семејствата и блиските на настраданите и повредените кои се хоспитализирани во скопските здравствени установи можат бесплатно да се сместат и да одморат во хотелите на територија на градот Скопје. Оваа иницијатива се реализира со поддршка на скопските хотели, а граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 073 821 120. Вонредна седница џденеска одржа и Советот на Општина Кисела Вода , на која исто така е донесена одлука за финансиска помош од еден милион денари за семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката.
Ова е само мал гест на поддршка, но во овие моменти е многу важно да бидеме обединети, да си помагаме и да се грижиме едни за други. Нека почиваат во мир сите што ги загубија животите, а нивните семејства нека најдат сила да ја пребродат оваа огромна болка-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.