Црвениот крст утрово информираше дека собрал повеќе од 54 милиони денари во фондот за помош на настраданите во пожарот во Кочани. Оттаму велат дека многу брзо, средства ќе се најдат на сметките на оние на кои им се најпотребни. „Откако ќе ги собереме сите потребни изјави за користење на лични податоци на повредените и нивните семејствата веднаш ќе пристапиме кон исплата на паричната помош, најави Саит Саити, генерален секретар на републичкиот Црвен крст. Тој нагласи дека собирањето на личните податоци и согласност за нивно користење се предизвик кој го успорува процесот на исплата на паричната помош. „Согласно законските прописи, почитувајќи го Законот за заштита на личните податоци, Црвениот крст е потребно да обезбеди согласност за обработка на личните податоци. Викендов успеавме да ги собереме податоците, денеска се пристигнати кај нас, се договоривме за лицата кои се лекуваат во странство податоците да ги соберат службите на Владата, дел се добиени денеска, а бевме информирани дека остатокот во текот на денот ќе го добиеме. Јас се надевам дека со натчовечки напори тоа ќе успееме да го завршиме денеска или утре и веднаш ќе пристапиме кон исплата на средствата. Денеска раководниот одбор донесе одлука за секој настрадан да се исплати сума од 150 илајди денари како првична финансиска и најитна помош, рече Саити.
Во наредниот период, како што информира Саити, Црвениот крст ќе биде посветен на теренските активности, особено во делот на пружање на психолошката поддршка. „Психолошката помош е најпотребна верувајте дека имаме повици секојдневни и тековни од училиштата, пред се, на територијата на Кочани, па и од Штип, затоа што замислете им ги нема другарите од класот им ги нема луѓето со кои секој ден се дружеле и тој проблем е многу приоритетен и сериозен и тоа е сега најприоритетната потреба“ изјави Саити. Во однос на инцијативите за собирање донаци на платформи на социјалните мрежи рече дека ја почитува желбата на граѓаните да помогнат, но дека е против објавување на лични податоци на настраданите.