Владата на Црна Гора потпиша договор со американска технолошка компанија за монтажа на беспилотни летала (УАВс) кои ќе бидат испратени во Украина, со финансиски средства обезбедени од Вашингтон. Според рускиот весник „Комерсант“, Црна Гора ќе произведува дронови во партнерство со американската технолошка компанија „Бајлајт“, а првата серија ќе биде наменета како воена помош за Украина. Владата на Црна Гора оваа одлука ја објави на крајот на мај, нагласувајќи ја својата намера како членка на НАТО да ги зголеми воените капацитети и да се позиционира како „сигурен снабдувач со најсовремена воена опрема“.
Црна Гора стана 29-та членка на НАТО во јуни 2017 година. Во соопштението се наведува дека САД инвестираат 15 милиони долари за формирање производствен капацитет. Комерсант ја пренесува изјавата на портпаролот на американската амбасада во Црна Гора, кој рече дека Вашингтон целосно го поддржува овој проект, кој „ја покажува сериозноста на Црна Гора во исполнувањето на обврските како членка на НАТО“. Од почетокот на војната во Украина, која избувна по руската инвазија во 2022 година, Подгорица му даде на Киев 11,3 милиони евра (12,9 милиони долари) воена помош и прими повеќе од 60.000 украински бегалци – во земја со нешто повеќе од 600.000 жители. Бајлајт фирмата е со седиште во областа Вашингтон, со канцеларии во Обединетото Кралство и девет производствени и развојни капацитети низ САД. Како водечка ИТ фирма, таа е специјализирана за „операции во киберпросторот“, вештачка интелигенција, ИТ инфраструктура, обука и производство на дронови.
Нивниот асортиман на беспилотни летала вклучува различни модели – од квадкоптери ПРЕСЕС -ФПВкои можат да носат товар од 600 грама до 7,2 килограми, до беспилотни летала со фиксни крила ХАЛО Втол, со капацитет од 2 до 27,2 килограми, во зависност од моделот. Владата на Црна Гора не прецизираше кои модели ќе се произведуваат како дел од оваа програма. Сепак, сите не ја дочекаа оваа одлука со ентузијазам. Лидерот на опозициската партија „Вистинска Црна Гора“, Марко Милачиќ, предупреди дека производството на беспилотни летала за Киев може да ја вовлече Црна Гора во војна со Русија и да ја направи „легитимна цел за одмазда во еден од најопасните конфликти на нашето време“. Црна Гора е последниот во серијата сојузници на Киев кои се договорија за заедничко производство на оружје за одбрана на Украина од руска агресија. Во првите редови на ваквите иницијативи е Германија, која веќе има воспоставено капацитети за производство и поправка на муниција и оклопни возила во Украина и во соседните земји. На 28 мај, германскиот канцелар Фридрих Мерц објави договор за финансирање на производството на ракети со долг дострел во Украина.
По 28-от состанок на Контакт групата за одбрана на Украина „Рамштајн“, одржан на 4 јуни, украинскиот министер за одбрана изјави дека некои од најблиските партнери на Киев, кои веќе имаат обезбедено милијарди долари воена помош, се подготвени да соработуваат во производството на оружје, кое ќе ѝ се доставува на украинската армија „сè додека трае војната“. Меѓу тие партнерства е и најавата на Франција за почеток на производство на дронови во украинските фабрики, развиени во соработка со француската индустрија. Според извештајот на порталот УНН, дополнителна поддршка опфаќа производство и одржување на проектили, борбени возила и муниција со помош на компании од Велика Британија, Шведска, Норвешка и Соединетите Американски Држави – на територијата на Украина.