Британскиот крал Чарлс Трети во денешниот историски говор пред италијанскиот парламент ја истакна важноста на силните врски меѓу Италија и Велика Британија за време на војната во Европа. Чарлс, кому ова му е трета државна посета на Италија со кралицата Камила, стана првиот британски монарх кој се обратил на заедничката седница на двата дома на парламентот во Рим, говорејќи и на англиски и на италијански, на што пратениците аплаудираа.
„Никогаш не смееме да го земаме мирот здраво за готово“, рече тој. „Британија и Италија денеска стојат обединети во одбрана на демократските вредности што ги споделуваме. Двете наши земји застанаа покрај Украина во нејзиното време на потреба и пречекаа илјадници Украинци на кои им требаше засолниште“, додаде тој. Кралот ги поздрави англо-италијанските планови за развој на нов млазен ловец со Јапонија како дел од Глобалната борбена воздушна програма (GCAP).
Велика Британија ја напушти Европската Унија во 2020 година, а кралската посета се смета за дел од напорите на Лондон да ги обнови врските со старите сојузници на ЕУ и да ги ублажи негативните последици од Брегзит Чарлс истакна дека тој е и крал на Канада, земја врз која американскиот претседател Доналд Трамп јасно стави до знаење дека има намера да преземе контрола. Чарлс и Камила денеска ја слават 20-годишнината од бракот, а вечерта ќе ја поминат на свечен прием во палатата Квиринале, резиденцијата на претседателот Серџо Матарела. Кралот претходно се сретна со италијанската премиерка Џорџа Мелони во палатата Дорија Памфиљ во Рим и прошета низ градината на зградата од 17 век. Ова е прва странска посета годинава за 76-годишниот крал, кој сè уште се лекува од рак.