Во рамките на новото издание на „Книга во секој дом“. „Прличев и епската традиција“ – новата книга на потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите, акад. Витомир Митевски, треба да ја има во секој македонски дом.
„Прличев и епската традиција“ – новата книга на потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите, акад. Витомир Митевски, треба да ја има во секој македонски дом. Научно дело што е резултат на долгогодишна творечка преокупација со поетското творештво на нашиот голем поет од XIX век. Со промоција на ова издание во рамките на манифестацијата „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ќе ја чествува 195-годишнината од раѓањето на Григор Прличев. Промоцијата на „Прличев и епската традиција“ од Митевски и чествувањето на 195-годишнината од раѓањето на вториот Хомер ќе се одржи утре, 12 мај (понеделник), со почеток во 19 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“. Промотор на делото ќе биде проф. д-р Ратко Дуев.
Во суштина, книгата што е објавена годинава претставува синтеза на повеќестрани, споредбени анализи на двете главни поетски дела на Прличев, „Сердарот“ и „Скендербеј“, во потрага по изворната инспирација на поетот. Запазувајќи го строгиот научен пристап во истражувањето, Витомир Митевски длабоко навлегува во тајните на творечката поетска лабораторија и открива двојно влијание во овие две значајни поетски дела. Од една страна, тука е добро познатото влијание на Хомер, а од друга страна се издвојува до сега скоро незабележаното влијание на византиската епска традиција. Пристапувајќи му на поетското дело на Прличев од овие два аспекта, авторот остварува продлабочен увид во генезата на ова клучно творештво во македонскиот XIX век.
Манифестацијата „Книга во секој дом“ ќе трае до 15 мај, а овој настан е дел од богатата програма. Покрај промоциите на ексклузивни изданија и средбите со автори, во книжарниците на „Матица македонска“, за над 300 книги од странската и домашната продукција е овозможен попуст до 70 проценти. Меѓу изданијата што овојпат „Матица македонска“ ги овозможи со исклучителен попуст се и најбараните и најчитани македонски и странски книги и автори. Со цел книгата на македонски јазик, навистина, и натаму да е сѐ поприсутна во секој дом, попустот се однесува и на најактуелни изданија.