Во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија за работењето на друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕЛЕМ Турс, ревизорите утврдиле недоследности во неговото работење и констатирале дека се соочува со загуби од приближно 1,2 милијарди денари и обврски над 268 милиони денари, а воедно сите сместувачки капацитети, со исклучок на хотелот „Молика“ во Битола, не ги исполнуваат минималните технички услови за сместување. Застарените сместувачки капацитети, нерационалното трошење на средства и несоодветното управување го доведуваат друштвото до сериозни предизвици во работењето, констатира Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Друштвото за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје, за 2023 година. Од ДЗР информираат дека друштвото се соочува со неповолна финансиска состојба уште од своето основање во 2012 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето кои акумулирани до 2023 година изнесуваат скоро 1.2 милијарди денари, односно околу 19.4 милиони евра, што претставува 92 проценти од основната главнина.
– И покрај тоа што во 2023 година е искажана најмала загуба во последните шест години, што се должи на статусните промени во друштвото и неговата намалена активност, сепак друштвото во континуитет искажува негативен финансиски резултат од работењето, не е ликвидно и е во лоша финансиска состојба. За да продолжи со вршење на својата дејност и подмирување на обврските, друштвото во континуитет склучува трипартитни договори со основачот за преземање на долг. Во периодот од 2018 до 2023 година (со исклучок на 2020 година), од ДЗР констатирале дека преку договори склучени со АД ЕСМ Скопје (преземач на долгот), ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје (должник) и конкретните доверители, преземени се долгови, од кои во 2023 година преземен е највисок износ на долг од страна на основачот во износ од 180.9 милиони денари. Обврските за враќање на долгот кон основачот постојано растат и во 2023 година изнесуваат 268.3 милиони денари. Во август 2022 година, ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје склучил договор со друштво за менаџмент од Скопје, основано непосредно пред потпишувањето на договорот, за набавка на аутсорсинг услуги во вкупен износ од 20 милиони денари, односно 324.000 евра. Времетраењето на договорот е до крајот на 2022 година, а имал ретроактивна важност од два месеци. Со извршената ревизија утврдено е дека реализацијата на договорот продолжила во 2023 година и исплатени се вкупно нешто над 34 милиони денари, што претставува 70 проценти надминување од вредноста на договорот, информира Државниот завод за ревизија. Извршената анализата на бројот на ангажирани извршители по договор за аутсорсинг, нивните работни активности и бројот на редовно вработени лица во Подружница Попова Шапка, споредено со нискиот износ на приходи остварен од сместувачките капацитети во периодот мај – септември 2023 година, како што посочува ДЗР, не овозможи уверување за потребата и оправданоста од ангажманот на надворешни извршители во тој период, што влијае на рационалното трошење на јавните средства.
-Со извршената ревизија е утврдено дека, ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје располага со градежни објекти и опрема во износ од 284.3 милиони денари, кои заради вршење на дејноста се изложени на ризици и за истите одговорното лице нема спроведено постапка за осигурување на имотот и средствата на друштвото од кражби, пожар и други елементарни непогоди, што може да предизвика штета врз имотот и средствата на друштвото во случај на настанување на ризиците- се вели во извештајот. Од 2018 година ЕЛЕМ ТУРС ДООЕЛ Скопје започнал со реализација на проект „Ладен оброк‘‘, со кој вработените во АД ЕСМ Подружница РЕК Битола се снабдуваат со оброк. Само во првите два месеци од 2023 година, друштвото остварило приход од АД ЕСМ Скопје во износ од 11.2 милиони денари (36 отсто од вкупниот приход на друштвото), а за реализација на овој проект континуирано се набавувани стоки без договор за јавна набавка, што не е во согласност со одредбите од Законот за јавни набавки и може да влијае на економичното, ефикасно и ефективно користење на јавните средства, посочува ДЗР. Од извршениот теренски увид на постојните сместувачки капацитети на Хотел „Молика‘‘ – Битола, Хотел „Попова Шапка‘‘ – Тетово, Хотел „Славија‘‘ – Тетово, Одморалиште „Свети Стефан‘‘ – Охрид, Одморалиште „Маврово‘‘ – Маврови Анови и Автокамп „Ливадиште‘‘ – Струга, со исклучок на хотел „Молика‘‘ – Битола, констатирано е дека капацитетите се застарени и во најголем дел не ги обезбедуваат минимално технички услови за сместување.
– Сместувачкиот капацитет во Одморалиште „Свети Стефан‘‘ – Охрид не може да се користи поради исклучена електрична енергија, додека во тек е реновирање на сместувачките и угостителските капацитети во Авто камп „Ливадиште‘‘ – Струга. За поголема искористеност на постојните капацитети потребна е сеопфатна анализа на состојбите, инвестиции кои ќе ја зголемат нивната атрактивност, ќе го подобрат квалитетот на услугите и ќе овозможат постигнување на стандардите, препорачуваат ревизорите. Како што информираат од ДЗР, во текот на октомври и ноември 2022 година врз основа на претходно одобрение и одлука од Надзорниот одобор на АД ЕСМ -Скопје, од страна на Управниот одбор на основачот, биле формирани две нови друштва: Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт ЕСМ МОЛИКА ДООЕЛ- Битола – Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт СКИ ЦЕНТАР ПОПОВА ШАПКА ДООЕЛ -Тетово. Со извршената ревизија констатирани се и други состојби кои се однесуваат на извршениот попис, исплати без поткрепувачка документација, несоодветно евидентирање и други неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива. За надминување на констатираните состојби, ДЗР издал препораки за преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.