Четворица новинари во Москва беа осудени на пет и пол години затвор за учество во екстремистичка организација. Двајца од нив беа соработници на Дојче Веле. Една новинарка и тројца нејзини колеги се осудени во Москва на пет и пол години затвор, обвинети за соработка со организацијата на Алексеј Навални, кој пред неколку месеци почина во сибирски затвор под неразјаснети околности. Антонина Фаворскаја, Константин Габоу, Сергеј Карелин и Артјом Кригер беа обвинети за соработка со „Антикорупциска фондација“, која руските власти ја означија како екстремистичка организација. Тие ги отфрлија обвинувањата, тврдејќи дека едноставно покривале новинарски активности на предметната Фондација.
Габоу и Карелин претходно соработуваа со ДВ, која е официјално забранета во Русија од февруари 2022 година. Одлуката на рускиот суд ја осуди Петер Лимбург, генералниот директор на ДВ. „Со пресудата против четворицата новинари, Русија со апсолутна суровост докажува дека е држава во која владее неправда. Рускиот режим со сите сили се обидува да ги искриви фактите – и им суди на храбрите новинари како да се сурови криминалци“, нагласи тој. Во своето рангирање за слободата на медиумите, Репортери без граници ја рангира Русија на 162-то место од 180 земји и проценува дека „речиси нема слобода на медиумите“ во Русија. Откако претседателот Путин ја презеде функцијата, најмалку 37 медиумски работници се убиени поради нивната работа, според Репортери без граници.