Државата на тужителките треба да им исплати 13.300 евра.
„Исто така, Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови“, велат од ХОПС .
Во ноември 2008 година, МВР со полициска акција наречена тогаш „Сузбивање на улична проституција“, приведе 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар. Од сите приведени, 23 сексуални работници без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар.
Утредента биле однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде биле тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, па беа пуштени на слобода.
„За цело време додека беа лишени од слобода, на сексуалните работници од страна на полициските службеници им беа упатувани погрдни зборови и беа изложени на понижување и исмевање. Сите 23 приведени сексуални работници, ноќта ја поминаа во мала просторија, без пристап до храна, вода и тоалет, а дел од нив биле во апстиненцијални кризи со дијареја и повраќање“, велат од невладината организација.
По само неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13 сексуални работници поднеле тужба за заштита на нивните лични права пред Граѓанскиот суд Скопје, кој во два наврата утврдил повреда на правата и ги задолжил МВР и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди.
Откако Апелациониот суд конечно ја преиначил пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжиле пред Европскиот суд за човекови права