Потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Ана Чупеска, во гостување на подкастот „Претрес“ беше прашана за подготовките на нејзината партија за локалните избори и за можните коалициски партнери, како и дали Демократската унија за интеграција (ДУИ) влегува во кругот на потенцијалните партнери. Чупеска не исклучи можност за коалиција со ДУИ, но не ја издвои од „сите партии со кои имаме принципиелен однос на почит“.
„Ние сме спремни (да одиме во коалиција) со сите политички партии, вклучувајќи ги и ДУИ, доколку имаме принципиелен однос на почит“, рече заменичката на претседателот на СДСМ, додавајќи дека досега немале никакви разговори или контакт со ДУИ и Али Ахмети, односно дека „ништо такво не се случува“. Чупеска зборуваше и за лидерот на СДСМ, Венко Филипче, за кого рече дека има „топ лидерски капацитети“.
„Јас гледам, во работата со претседателот Филипче, навистина има лидерски способности, иако тој се чини тивок. Таа негова тивкост не го онеспособува во лидерството, напротив – има исклучително длабока и голема мудрост којашто му дава можност за многу брзо и точно и исправни одлуки да донесува“, рече Чупеска за нејзиниот „шеф“, како што го нарече. На прашањето: кој е подобар политичар, Филипче или Зоран Заев, Чупеска и самата даде „политички“ одговор дека „и двајцата се добри, ама на различен начин“.