Нè делат само 24 часа од еден од најголемите упади на една власт во трета независна власт чија самостојност е гарантирана со Уставот. Наместо неопходни реформи ќе бидеме сведоци на операционализција на еден груб, и многу нападен удар врз правосудниот систем кои ќе се одвива во законодавниот Дом, истакна на денешната прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска. Оваа прес конференцијата, како што рече таа, ја посветуваат на одбрана и на заштита на уставниот поредок на нашата држава.
-Преку незаконската интерпелација на поединечните членови на Судскиот совет за која нема ниту законска можност ниту пак ќе има правно дејство. Вака како што е поставена оваа интерпелација е школски пример за директно и грубо кршење на уставниот принцип за владеење на правото и за поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, истакна Чупеска.
Власта предводена од Мицковски, како што вели Чупеска, само ја демонстрира својата злонамера за целосна партизација и политичка контрола врз правосудната власт.
-Наместо, да ја гарантира нејзината независност. Тоа е отров, високо токсичен отров за демократските принципи и вредности, затоа што претставува отворен и пакосен влез во авториратирам, нагласи таа.
Според потпретседателката на СДСМ, брзањето со интерпелациите на членовите на Судскиот совет, на ваков начин, во услови кога се подготвува нов закон за ова тело, ги обелоденува вистинските намери на власта.
-Намери кои не поврзани со реформските процеси туку со воспоставување целосна партиска контрола. Да беше намерата за суштински реформи немаше вака на сила и спротивно на закон да се турка, додаде таа.
Ова, како што вели, не е случајност, бидејќи станува збор за смислен, систематичен и координиран напад врз правосудниот систем.
-Ако Судскиот совет биде срушен на ваков начин, следни се судиите што не се по волја на власта. Потоа ќе следуваат и нарачани пресуди, како што сме гледале во минатото. Ако обвинителот биде сменет на ваков начин, без почитување на законите, следни ќе бидат сите што не се подготвени да работат по инструкции на Мицкоски, истакна потпретседателката на СДСМ.
Според Чупеска, оваа власт нема решение за реформи во правосудството, туку само ги проектира своите интерни манири на авторитаризам и апсолутизмот кои го спроведува во својата партијата спрема државата. Таа најави дека СДСМ во претстојниот период, јасно и недвосмислено ќе се спротивстави на овие насилнички и недемократски дејствија.
-Ги повикуваме сите политички партии, сите засегнати страни да се вклучат во процес кој ќе овозможи суштинска а не примитивно водена, половична и персонализирана, партиско-лојалистичка квази реформа. Ние ќе продолжиме да се бориме за вистински и суштински реформи во правосудството, кои ќе ја гарантираат неговата независност и ефикасност, вели Чупеска.