Во синоќешниот поткаст „ВМРО-ДПМНЕ Зборува: Унија на млади сили“ на тема „Предизвици и можности на младите денес“ гостуваше Борис Шамбевски, претседател на Градскиот комитет при Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Шамбевски говореше за промените кои Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ги носи за младите, од борба против корупцијата до создавање конкретни можности за личен и професионален развој. Тој посебен акцент стави на новиот Оперативен план за млади, кој нуди поддршка за самовработување, започнување на бизниси, пристап до светски пазари. Според него, оваа Влада, гради партнерски однос со младите преку тоа што ги вклучува во институционални решенија и директно соработува со студентите, научниците, спортистите итн., и преку тоа се создава една средина во која младите повторно веруваат дека можат да останат во земјава, да се развиваат, а и да ја изградат Македонија како современа, конкурентна и праведна држава.
„Оваа генерација ќе биде генерација којашто ќе ја направи државата токму таква каква што претходните генерации сонувале дека некогаш може да биде. Токму тоа е променето во животот на младите луѓе. Патот по којшто се движи државата е апсолутно променет. Се врати надежта дека Македонија може да биде држава којашто ќе биде компетитивна со нашите соседи па зошто не и со некои поразвиени држави од Европа“, вели Шамбевски.
Тој посочи дека новата влада води активна борба против корумпираниот и нефункционален систем што беше наследен од претходната власт, а образованието, како една од најзапоставените области, нема брзо решение, но нагласи дека од првиот ден се работи на вистински реформи. Според него, Владата на ВМРО-ДПМНЕ е составена од луѓе што не само што ги препознаваат предизвиците, туку и активно ги решаваат, во соработка со младите кои се носители на промените.
„ВМРО-ДПМНЕ има Влада од посветени решавачи на проблеми коишто гледаат проблем и го решаваат проблемот, заедно со младите. Прв пат во оваа држава студентите директно работат со функционерите од власта на решавање на проблеми, веќе не се само 5-6 луѓе коишто ќе ги извлечат напред ќе ги стават на слика. Коавтори се на промените, двигатели се на промените“, потенцираше Шамбевски.
Шамбевски посочи и на новиот Оперативен план на Владата, вреден 40 милиони евра, за кој рече дека е насочен кон поддршка на над 16.000 млади до 29 години, преку мерки за самовработување, започнување бизниси и покривање на трошоци за регистрација.
„Се најави нов оперативен план на Владата којшто опфаќа 40 милиони евра за над 16 илјади граѓани, најголем дел од тие граѓани и тие мерки се до 29 години. Се стимулира самовработувањето, почнувањето на бизниси кај младите, имаме достапност до светските пазари, а дома имаш поддршка сериозна, се намалува лутањето по администрацијата. Се стимулираат младите и со финансиски додатоци се помагаат почетоците на бизниси. Дополнително и трошоците за регистрација на бизниси и почнување на свои фирми исто така ќе бидат покриени од самата држава“, истакна Шамбевски.
Шамбевски нагласи дека преку активизам и реално вклучување на младите во општествениот живот, апатијата која беше создадена од страна на претходната власт во земјава, почнува да се надминува. Тој додаде дека борбата беше насочена да ги охрабри младите преку активизам и сериозно ангажирање надвор од социјалните мрежи, и дека тоа веќе дава резултати.
„Нашата борба беше да ги убедиме младите луѓе дека само преку активизам, преку неигнорирање на проблемите преку адресирање и борење против тие проблеми, една посериозно општествена борба надвор од социјалните мрежи дека тоа може да се постигне. Тоа се постигна, и оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ токму тоа во оваа година дена го променува, се бори со корупцијата“, изјави Шамбевски.
На крај тој испрати порака до младите луѓе: „Со нашиот активизам, со нашето протестирање, со нашето адресирање на проблемите, кревање на глас, но потоа влегување во институциите, креирање на решенија на проблемите и гледање на резултат на позитивен резултат. Откако тие проблеми ќе се решат, видовме дека можеме. Сега треба да го докажеме, сега треба како млади луѓе во партнерски однос со Владата да ја изградиме оваа држава да биде држава од 21 век“.