Со буџет од 56,1 милиони франци, новата програма се темели на минатите искуства и се фокусира на три приоритетни области – демократско управување, одржлив економски развој, вода и животна средина. Швајцарија официјално ја започна новата Програма за соработка 2025-2028 за Северна Македонија, потврдувајќи ја уште еднаш својата долгогодишна посветеност на поддршката на демократските реформи, одржливиот економски раст и отпорноста на животната средина во земјата, информираат денеска оттаму. „Швајцарија е сигурен партнер уште од прогласувањето на независноста на земјата, и до сега има инвестирани повеќе од 370 милиони швајцарски франци за поддршка на реформите насочени кон одржлив развој и европската интеграција. Овие инвестиции се повеќе од само финансиска поддршка, тие опфаќаат и споделување на швајцарското знаење, заедничка посветеност и градење вредности на различност, плурализам и еднаквост“, пишува во соопштението од Амбасадата на Швајцарија.
Оттаму потсетуваат дека уште од 1992 година, Швајцарија придонесува за подобрување на капацитетите на демократските институции, посебно на Собранието, општинските совети, Државната изборна комисија и граѓанските организации. „Швајцарија значително го подобри пристапот до чиста вода за пиење и енергетски ефикасни услуги за пречистување на отпадните води, истовремено зголемувајќи ја отпорноста кон климатските промени и заштитувајќи ја животната средина. Со индикативен буџет од 56,1 милиони швајцарски франци, новата програма се темели на минатите искуства и се фокусира на три приоритетни области – демократско управување, одржлив економски развој, вода и животна средина. Новата Програма за соработка продолжува да промовира инклузија и различност во сите активности. Ќе се работи повеќе со младите луѓе и жените за да им се овозможи активна улога во обликувањето на иднината на земјата“, се вели во соопштението. Извор: Новинска агенција МЕТА