Швајцарскиот франк наполни 175 години, а помалку е познато дека првата единствена швајцарска валута речиси била наречена гулден. Кога во 1848 година беше создадена модерната швајцарска федерална држава, се разви жестока дебата за тоа како да се нарече новата валута. Западните швајцарски кантони, Базел и Берн, беа склони да го воведат франкот, следејќи го примерот на Франција. Другите кантони го фаворизираа името гулден, пишува дневникот Аргауер цајтунг. До 1848 година, во Швајцарија имало нешто помалку од 80 територијални единици кои имале суверено право да коваат и печатат свои пари, а монетарните единици носеле широк спектар на имиња, како што се бацен, талер, шилинг, рапен и многу други.
Странец кој во тоа време патувал низ Швајцарија морал, да носи со себе неколку различни валути или да трча до менувачница секој час. Во првиот швајцарски устав, беше воведена одредба за централизација на монетарниот систем со цел да се стави крај на претходната конфузија. Дури и тогаш, Швајцарија се потпираше на мислењето на експертите, а еден банкар од Базел го препорача францускиот модел, проценувајќи дека тоа ќе ѝ овозможи на земјата подобар пристап до светската економија. Неговите аргументи го убедија парламентот, кој на 7 мај пред 175 години одлучи да го воведе швајцарскиот франк. Лирите, марките, па дури и францускиот франк, на кој се темелеше швајцарската валута, во меѓувреме исчезнаа и беа заменети со еврото, но швајцарскиот франк преживеа и, без оглед на ситуацијата во светот, девизниот курс на франкот, заедно со временската прогноза, е единствената константа во вестите на јавното радио, објави Н1 Инфо.