Шведскиот обвинител Расмус Оман изјави дека наредил ослободување на петмина мажи кои вчера беа уапсени поради наводна поврзаност со убиството на Ирачанецот Салван Момика, кој чекаше пресуда за неколку јавни палења на исламската света книга – Коранот, јавува „Ројтерс“.
Во соопштение за медиумите, обвинителот вели дека нема докази оти петтемина се одговорни за убиството на Момика во средата вечерта во станбена зграда во Содертаље, во близина на Стокхолм, за време на стрим во живо на социјалните мрежи. Момика го запали исламската Коранот во Шведска во неколку наврати во 2023 година, а снимките од овие инциденти предизвикаа гнев и критики во неколку муслимански нации, како и повици за убивање на Ирачанецот. Шведските власти вчера во првичните изјави навестија дека „странска држава“ е вмешана во убиството.