Поради постојаното зголемување на цените на основните прехранбени производи во Шведска, граѓаните одлучија да ги бојкотираат трговските синџири. Марсел Демир, шведски студент, за „Гардијан“ изјави дека цените значително се зголемиле. „Апсолутно, цените се зголемија“, рече тој, стоејќи пред филијалата на шведскиот синџир на намирници „Кооп“ во Стокхолм. „Обично купувам чипс и чоколадо и тие многу се поскапени“, рече тој. Според некои проценки, годишните трошоци за прехранување на едно семејство во Шведска се зголемени за дури 30.000 круни (3.000 евра) од јануари 2022 година. Се очекува кафето наскоро да го достигне симболичниот праг од 100 круни (10 евра). Минатата недела, кога цените на храната пораснаа најмногу во последните две години, илјадници луѓе ширум Шведска одлучија да ги бојкотираат најголемите супермаркети во земјата на седум дена.
Со помош на вирални објави на Тикток и Инстаграм, кампањата стана национална тема, објави Кликс.ба. Демонстрантите го обвинуваат поскапувањето на „олигополот“ на супермаркетите и големите производители кои го даваат приоритетот на нивниот профит пред клиентите, како и недостатокот на конкуренција меѓу компаниите. Шведската протестна иницијатива „Бојкотирам 12 недели“ побара од потрошувачите да престанат да купуваат во големите трговски синџири, вклучувајќи ги Лидл, Хемкоп, Ика, Куп и Вилис. Кога станува збор за храната, најмногу поскапеле чоколадите и тоа за 9,2 отсто, потоа путерот за 7,2 отсто, сирењето за 6,4 отсто и млекото и павлаката за 5,4 отсто. Бојкотот во Шведска е само еден од неколкуте низ Европа поради трошоците за живот. Купувачите во Бугарија минатиот месец ги бојкотираа големите трговски ланци и супермаркети поради поскапувањата на храната, што, наводно, доведе до речиси 30 отсто пад на прометот. Во јануари бојкотот во Хрватска се прошири и во Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Словенија.