Кога безбедноста е загрозена, нема ништо поважно, изјави денеска заменичката генерален секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, на средба со млади во Будва, Црна Гора. – НАТО останува одбранбен сојуз, но историјата, уште од антички времиња, покажува дека ако сакаме да избегнеме војна, мораме да бидеме подготвени за неа, рече Шекеринска. Таа додаде дека со покажување сила, единство и решителност да се заштити секој сојузник, Алијансата ќе го исполни токму тоа – да спречи конфликт.
На прашањето за можноста Украина да се приклучи кон НАТО, таа потсети на Северна Македонија која чекала 30 години за прием. – Приемот на Украина е важен, но и многу тежок процес. Во тешки времиња не смееме да ја изгубиме надежта, изјави Шекеринска. Таа нагласи дека Западен Балкан останува од стратешко значење за Алијансата. „ – Не е доволно само да нема војна. Зборовите имаат значење. Денес регионот е мирен и стреми кон ЕУ, но сè уште слушаме изјави за поделби, национализам и сецесионизам. Тоа не се само зборови – понекогаш зборовите се поопасни од оружјето, бидејќи можат да предизвикаат насилство, предупреди Шекеринска.