Фото: Pexels/ Oleksandr P
Шестгодишно момче без придружба, по грешка било качено на летот за Орландо, тргнувајќи на пат од Филаделфија до Форт Мајерс, градови оддалечени околу 260 километри, пишува „ЦБС њус“.
Компанијата „Спирит ерлајнс“ не откри никакви дополнителни информации за детето или како воопшто се случила грешката. Од таму известија дека во тек е внатрешна истрага.
„Детето цело време беше под надзор на вработен во ‘Спирит тим’ и веднаш штом ја забележавме грешката, контактиравме со семејството на детето за повторно да го најдеме“, рече портпаролот на компанијата.Американските медиуми успеаја да откријат дека се работи за шестгодишно момче кое за првпат полетало со авион за да ја посети својата баба во Форт Мајерс.
„Ми рекоа дека не се качил во авионот, на што реков дека тоа не е можно бидејќи имам доказ дека се пријавил за летот. Трчав до авионот и ја прашав стјуардесата каде е мојот внук. Стјуардесата мислеше дека ми го предале во Филаделфија“, изјавила вознемирената баба на момчето.Подоцна беше откриено дека момчето слетало во Орландо, од каде ја повикало својата баба. Неговиот багаж пристигнал до Форт Мајерс.
Персоналот на авиокомпанијата се извини за инцидентот, но семејството на момчето и понатаму бара одговори како се случило вакво нешто.
„Сакам да ми се јават и да ми објаснат како внук ми завршил во Орландо. Како се случи ова? Дали го симнале од авионот? Дали стјуардесата, откако мајка му ги предала документите, го пуштила сам? Самиот отишол во погрешен авион?“, прашува бабата.
Инаку, малолетници без придружба биле изгубени на меѓународни летови и претходно. Така, едно момче слетало во Германија во 2019 година, а требало да пристигне во Шведска.
Во 2009 година, две девојчиња на возраст од осум и десет години исто така беа ставени на погрешен лет. Авиокомпанијата „Континентал експрес“ тогаш го оправда инцидентот како „недоразбирање меѓу персоналот“.