На состанокот во Каиро земјите учеснички ја повикаа меѓународната заедница и Советот за безбедност на ОН, да преземат итна акција за спроведување на решението со две држави. . На денешниот министерски состанок на шесте нации во Каиро, беше одбиен планот за раселување на Палестинците од Газа и беше повторен повикот за решение со две држави на израелско-палестинскиот конфликт. На состанокот, одржан на покана на Египет, на кој присуствуваа претставници на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Катар, Јордан, Палестина и Арапската лига, беше објавено заедничко соопштение во кое се нагласува важноста да се работи кон праведен и траен мир на Блискиот Исток.
Во соопштението се изразува и поддршка за соработката со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во напорите за постигнување сеопфатен мир во регионот, заснован на решение со две држави. Земјите учеснички изразија силно противење на какви било обиди да се прекршат неотуѓивите права на Палестинците. Ова вклучува активности за принудно иселување, уривање куќи, припојување на земјиште или какви било мерки што поттикнуваат раселување или протерување на Палестинците од нивната земја, јави агенцијата „Анадолија“. На состанокот земјите учеснички ја повикаа меѓународната заедница и Советот за безбедност на ОН, да преземат итна акција за спроведување на решението со две држави.
Овој состанок доаѓа по повеќекратните изјави на Трамп кои сугерираа „чистење“ на Газа и преместување на Палестинците во Египет и Јордан, опишувајќи ја енклавата како „уништено место“. Предлогот на Трамп дојде откако договорот за прекин на огнот стапи на сила во Газа на 19 јануари Предлогот на Трамп беше широко осуден, а критичарите го нарекоа „етничко чистење“ и „воено злосторство“. Многу земји во муслиманскиот и арапскиот свет, како и европските нации како Франција, цврсто ја отфрлија идејата.