Граничниот премин Богородица утринава е преполн со возила од Македонија, Србија и од Косово. Шест колони возила се протегаат кон грчката страна, а патниците чекаат со часови за да продолжат кон своите летни дестинации. Најголем дел од патниците одатна одмор, а дел од нив се на пат подолго од 12 часа.
„Тргнавме од Суботица вчера, возевме цела ноќ, и сега стоиме веќе повеќе од час и пол. Сепак, не се жалиме, ова ни е како кратка пауза да земеме здив пред да продолжиме кон Халкидики,“ вели Александар, турист од Србија. За други, чекањето во жештината е понапорно.
„Имаме мали деца во автомобилот и не е лесно да се стои вака во место. Се обидуваме да бидеме трпеливи, ама навистина е напорно,“ изјави една скопјанка која со семејството патува кон Паралија. Зголемен обем на сообраќај се очекува и во наредните денови, па надлежните апелираат граѓаните да бидат трпеливи, да носат доволно вода и да патуваат рано наутро или доцна навечер кога температурите се малку пониски.