Видеа објавени на социјалните мрежи покажуваат како леталото е речиси целосно потонато, превртено во водата, додека возила за спасување се собираат на улиците покрај брегот, обидувајќи се да ги спасат патниците. Хеликоптер се урна во реката Хадсон во Њујорк, при што загинаа сите шест лица кои биле на борд, вклучително и пилотот и една шпанска туристичка фамилија со три деца, пренесува Гардијан. Туристичкиот хеликоптер добил дефект и почнале да летаат неколку делови додека бил во воздух, и се срушил во реката Хадсон, помеѓу Менхетен и брегот на Њу Џерси, нешто по 15 часот, предизвикувајќи масовна реакција од страна на службите за итни случаи. Видеа објавени на социјалните мрежи покажуваат како леталото е речиси целосно потонато, превртено во водата, додека возила за спасување се собираат на улиците покрај брегот, обидувајќи се да ги спасат патниците. На местото на несреќата можат да се видат чамци за итна помош како кружат во водата. На една платформа на реката има и кран, кој најверојатно се обидува да го извади потонатиот хеликоптер. Во меѓувреме, на копно, пожарникари и полицајци ги спречуваа новинарите и јавноста да пријдат до крајот на долгата бетонска платформа од каде нуркачки екипи излегуваа од водата.
Градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, потврди дека шест лица се прогласени за мртви, меѓу кои три деца и три возрасни лица. Говорејќи на прес-конференција, Адамс рече дека неговите мисли се со жртвите и нивните семејства. Тој истакна дека истрагата за причината на несреќата е во тек. Тројца возрасни и три деца биле во хеликоптерот Bell 206, кој полетал од Скајпорт, во центарот на Менхетен, рече Адамс. Жртвите биле пилотот и едно семејство за кое се верува дека било туристи од Шпанија. Комесарката на њујоршката полиција, Џесика Тиш, изјави дека поголемиот дел од патниците веќе биле мртви кога биле извадени од водата, но две лица биле пренесени во блиска болница, каде што починале набргу потоа. Летот траел помалку од 18 минути. Радарските податоци покажуваат дека леталото се движело на север покрај Менхетен, а потоа се вратило кон југ, во правец на Статуата на слободата.
Операциите за спасување се одвивале во близина на крајбрежјето на Менхетен, до крајот на долга сервисна платформа кај една од вентилационите кули за Хо́ланд тунелот – прометен подводен патен тунел што го поврзува градот со Њу Џерси. Со години наназад имало повеќе авионски несреќи над Менхетен, каде небото често е преполно со авиони и хеликоптери, вклучително и приватни, рекреативни и туристички летови. Извор: Новинска агенција МЕТА