Генералниот секретар на НАТО Марк Руте ја предупреди Русија дека секој напад врз Полска или која било друга членка на алијансата ќе предизвика „погубен“ одговор. Руте зборуваше за време на посетата на Варшава, каде што даде кратка изјава заедно со полскиот премиер Доналд Туск, кој пак рече дека е важно да се биде подготвен за секој можен исход од преговорите меѓу Русија и САД, за ставање крај на војната во Украина, која трае веќе три години. Земјите-членки на НАТО долж источната граница на алијансата – особено Полска и балтичките земји – се крајно загрижени дека преговорите би можеле да завршат со договор што е во корист на Русија. Тие стравуваат дека таквиот исход ќе му овозможи на рускиот претседател Владимир Путин да ги обнови воените капацитети и да им се закани на другите земји во регионот во наредните години. „Ниту Путин, ниту некој друг не треба да мислат дека можат да се извлечат со вакво нешто“, рече Руте.
„Доколку некој погрешно ја процени ситуацијата и мисли дека може да ја нападне Полска или која било друга членка на алијансата, ќе биде пречекан со целата сила на овој силен сојуз. Нашата реакција ќе биде поразителна. Тоа мора да му биде апсолутно јасно на Владимир Владимирович Путин и на сите оние кои сакаат да нѐ нападнат“, рече Руте. Предупредувањето на Руте доаѓа во време кога враќањето на претседателот Доналд Трамп на власт ги разниша безбедносните претпоставки кои беа темел на европско-американскиот сојуз со децении. Поради ова, Европа се повеќе се обидува да ја намали зависноста од американската безбедносна заштита и планира амбициозни инвестиции во сопствената воена индустрија и вооружување. Трамп на неодамнешниот состанок со Руте во Белата куќа рече дека не верува дека мировниот договор за Украина ќе доведе до тоа Русија да нападне други земји. Руте, меѓутоа, претходно предупреди дека Русија може повторно да биде способна да нападне европско тло до крајот на оваа деценија. „Да не заборавиме дека Русија останува најзначајната и најтемната закана за нашиот сојуз. Да не заборавиме дека Русија се движи кон воена економија – и тоа силно ќе влијае на нејзината способност да ја изгради својата војска“, рече Руте.