Пингвините, сепак, не се идеални брачни партнери ниту симболи на „вечна љубов“ во животинскиот свет, покажува нова долгорочна студија за мегаколонијата на мали пингвини во Австралија, пишува „Саенс алерт“. Иако многу видови пингвини се сметаат за социјално моногамни, идејата дека остануваат со ист партнер цел живот е широко распространета, но погрешна претпоставка. Истото важи и за малите пингвини на островот Филип во Австралија, кои често ги наоѓаат истите партнери од претходните години. Сепак, научниците проценуваат дека стапката на „развод“ кај нив понекогаш достигнува дури 50 отсто.
Во текот на 12 сезони на парење, истражувачите од Универзитетот Монаш забележале 250 „разводи“ во колонија од речиси 1.000 парови. Ова значи околу 21 развод годишно помеѓу 2000 и 2013 година. За споредба, годишната стапка на разводи во САД е околу 2,4 брака на 1.000 луѓе, што е речиси 10 пати помалку отколку кај малите пингвини. Мегаколонијата на островот Филип брои повеќе од 37.000 мали пингвини, но истражувачите велат дека нивниот примерок е добар показател за пошироките трендови. Истражувачите ги бележеле „разводите“ кога означен пингвин од претходната сезона на парење се појавувал со нов партнер наредната година. Како што често се случува и кај луѓето, одлуката да останат заедно или да се разделат често зависи од тоа дали имаат потомство.
„Кога годината е добра, паровите најчесто остануваат заедно, иако и тогаш може да има нешто „на страна““, вели еко-физиологот Ричард Рејна од Универзитетот Монаш, кој ја проучува колонијата повеќе од 20 години.
„Но, во лоши репродуктивни сезони, може да се обидат да најдат нов партнер за следната година, за да ги зголемат шансите за успешно парење“, додава Рејна.
Испаѓа дека малите пингвини не се премногу верни, но тие не се единствениот вид што ја руши нашата илузија за „вечна љубов“ кај пингвините.
Почина геј пингвинот Сфен, неговата љубовна приказна со Меџик го освои светот