Во голема акција на шпанската полиција во пристаништето Валенсија, запленет е еден тон кокаин во транспортни контејнери, јавува шпанскиот јавен сервис РТВЕ. Во координација со Европол, во рамките на операцијата во Шпанија се уапсени 17 лица, додека две лица се уапсени во Белгија и едно во Франција, јавува РТС. Покрај дрогата, запленети се виртуелни паричници, две огнени оружја, осум луксузни возила, тејзер, мачети, боксерки, 15.000 евра во кеш и шлепер. Истрагата за шверц на кокаин започна пред една година кога беше откриено дека осомничените ја внесувале дрогата во контејнери заедно со легална стока, без да знаат испраќачите за тоа.
Некои од уапсените биле поврзани со огранокот на бандата Хелс Ангелс во Белгија и главно биле вклучени во процесот на контрола и преземање на пратките со дрога, соопшти шпанската полиција. Бандата наводно шверцувала кокаин скриен во контејнери кои пристигнале во пристаништето Валенсија од Латинска Америка, а до дрогата стигнале користејќи таканаречени „пајаци“ кои се качувале на купишта контејнери и ги ограбувале, користејќи секачи или рачни пили и го ваделе кокаинот.